itarpejo.org
Мариовски панаѓир – цела книга – Стале Попов | Mariovo - Itar Pejo
АРНАУТЧЕТО Јован Василев од Б. остана рано без татко. Мајка му Стојна остана црна вдовица— сиња кукавица без нигде никого и ништо свое. Сета сермија што и ја остави Васил беше една плетена кошарка со слама покриена, една мала огратка и градинка околу неа и неколку прслици далеку во планината каде што пасеа зајаците. Тој беше неподвижниот имот на Васил Јовановски Арнаутинот. A подвижниот беше уште ,"поголем". Дванаесет овци осум кози, една крива магарица и пет-шест кокошки со еден петел во нив. Посатката пак в куќи не се "добројуваше". Три смрекови столчиња, две каци, еден вршник, една кација, два котла, една софра и ноќвите за леб месење. A за постелите и рубата да не зборуваме. Невестинските два покривача, една сакма, гуна и неколку парталави преперници што ги сменуваше Васил секоја втора недела, немајќи гаќи за секоја преоблека. Јадење пак остави Васил според народната песна: Шикла сокница — полна пченица Од глувче меше — полно со мавца Од жаба нога — цела пастрма.. Што можеше